ÆGRI SOMNIA – ДАРКО БОГДАНОВ
3.68 EUR
Sold out!
Опис
Наслов: Ægri Somnia
Издавач: Дарко Богданов
Печатено: 2020
Јазик: Македонски
Автор: Дарко Богданов (цртеж), Александар Стеванов (сценарио)
Страници: 48
Формат: А4
Цена: 230 денари
„ Ægri Somnia“ на едно место ги собира и комплетира стриповите од досегашната соработка на авторите Дарко Богданов (цртеж) и Александар Стеванов (сценарио) од 2012 до 2020 година. Во ова издание кое содржи седум кратки приказни, главниот елемент кој ги поврзува е точно како што кажува и самиот наслов ( во слободен превод би значело „кошмар“, а во буквален „сонот на болниот човек“), соновниот призвук на реалноста на самите ликови, кои иако се сместени во различни периоди и реалности (сегашност, прва светска војна, балкански војни, или сосема надреални времиња и простор), го доживуваат своето просветлување на целосно ониричен начин, прекршување на времето и просторот, и за добро или не, излегува на површина вистинската суштина на работите, соголена, и разоткриена. На еден по малку интроспективен начин, ние ги дознаваме човековите страсти, желби и стремежи, емоцијата и личната лирика на секој лик во приказните, со кои секој читател барем во некој сегмент може да се поврзе и препознае.
Дарко Богданов е роден на 04.04. 1984 во Скопје, Р.Македонија
Завршува отсек графика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје во 2003 година, а потоа дипломира исто така на отсек графика во 2007 година на Националната Ликовна Академија во Софија, Р. Бугарија во класата на Димо Колибаров. Се занимава првенствено со цртање стрипови и илустрација од 2000 година па се до денес.
Објавени кратки стрипови во повеќе стрип списанија во земјата и во странство, редовен учесник со свои стрипови на скоро сите балкански стрип фестивали. Добитник на 5 награди за стрип до сега, и автор на 4 стрип албуми – „Modus Vivendi“ во 2011 година, „Мрак Хумор Тишина“ заедно со сценаристот Јордан Коцевски во 2014 година, „Витези од Соседството“ повтороно во соработка со Јордан Коцевски, преку издавачот „Стрип Квадрат“ од Скопје во 2016 година, и во соработка со Александар Стеванов, „Ægri Somnia“ на самиот крај од 2020 година.. Во 2018 година заедно со Александар Стеванов и Сашо Гачев е исто така коавтор на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ‚Дневник‘“, посветена на македонските автори кои работеле за тој српски издавач.
Во 2008 година работи како стрип цртач за бугарскиот стрип издавач „ИЕКК Комикс“ од Софија, а во 2009 година работи за филмското студио „NU IMAGE“ исто така во Софија како сториборд уметник на филмовите „The Expendables“ и „Conan“.
Зад себе има четири самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби во Македонија и странство. Член на здружението на ликовни уметници „УМ“ од Виница, со кое редовно учествува во заеднички проекти и изложби. Исто така веќе две години по ред е дел од организацискиот тим кој ја организира ликовната колонија „Св. Ѓорѓи“ која се одржува на крајот на август во виничкото село Блатец.
Живее и работи во Виница, Р. Македонија.