AUROOM LOVE ART EXHIBITION PHOTO GALLERY

Опис

Добредојдовте на изложбата АУРУМ ЛАВ АРТ  (AUROOM LOVE ART)

На почеток би сакала само накусо да ве информирам за платформата Аурум и за нејзините креатори.

Поради ковид пандемијата, период на карантин и какви ти не строги мерки, на уметниците им се скрати можноста да ги продаваат и изложуваат своите дела во галерии и ликовни салони, бидејќи истите беа затворени, а културните настани и манифестации откажани.
Токму во тој период започна приказната за АУРУМ – креаирана во ноември 2020година од двоецот Марија и Владимир Костовски (позади кои стои и Продукцијата Златен Заб) со цел да им помогнат на уметниците да продолжат со својата работа, т.е. да имаат свој простор каде би ги изложувале своите слики, скулптури, и други уметнички продукти, а воедно и би ги продавале онлајн.
По препорака на нивната драга пријателка, тв водителката Искра Канзурова-Мишиќ, ја креираа првата виртуелна галерија за уметникот Трајче Воинов-Траво.

Платформата АУРУМ е единствена од таков вид во Македонија која нуди извонредни можности на сите македонски ликовни уметници, скулптори, графичари, цртачи, резбари, фотографи, дизајнери, писатели, музичари, театарски и филмски работници да ги изложуваат и продаваат своите дела и рачни изработки онлајн.
Исто како што во светот постојат платформи како на пр. Ебеј, Амазон и слично каде може од било која земја во светот да си нарачате и купите производ и да ви биде доставен на домашна адреса, истото тоа е и со Аурум, само што на Аурум се продава само уметност.
Би сакала да споменам дека за оваа услуга тие не земаат никаков процент од уметниците, а работат со многу љубов и посветеност.
Убавината е во тоа што секој уметник има своја виртуелна галерија (која е неограничен простор) креирана на македонски и на англиски јазик, која  постојано се надополнува со нови дела од уметниците.
И еве речиси 2 години креираат заедно успешна уметничка приказна.

Вечерва, на оваа групна изложба  ќе бидат претставени делата на 20тина автори, визуелни уметници од платформата Аурум со тематика ЉУБОВ.

Што е љубов?
Љубовта е опиумот на уметноста која секој поединец различно ја разбира, доживува и презентира….
За еден уметник љубовта е семејството, пријателството и среќата, друг љубовта безусловно  ја гледа преку животните, трет преку природата и цвеќињата, некои ја насликаа љубовта кон татковината, за дел од нив љубовта е слобода, за други надминување над сопствените интереси, издигнување над сопствената себичност.
Не сакам да претерувам и да кажам дека љубовта е над се, но кога ќе го прочистите човековото постоење до неговата суштина, што ќе ви остане?
Некои пари што некој ги заработил, а не може да ги земе со себе?
Секако дека не – туку ќе останат човечките односи, меморијата во семејството, заедницата, нацијата, во зависност од тоа  колку дал/оставил траг тој човек.
Љубовта во суштина е давање.

Кога стоите пред овие цртежи, се чувствувате како нечиј истражувач..
Тоа значи дека секое насликано, моделирано и испечатено дело „се сеќава на отпечатокот на раката на уметникот“, неговиот допир, неговата чувствителност, неговата љубов и душа.
Уметникот  чувствува, трае, создава и преку своето уметничко творештво го претставува таканаречениот дух на модерното време, моментот во кој се наоѓаме сите.
Изложбата е замислена како збир на различни автори, генерациски и стилски, но и технички разновиден спектар, од класично цртање и сликарство, преку колажи, скулптури до дигитални медиуми во кои секој од излагачите ги презентира своите ставови за дадена тема љубов.
Идејата не е да се критикува, да не се преиспитува, туку само да се сублимира она што секој од авторите, кога се поставува темата за љубовта во модерното време, го мисли и реагира, како и секој од нас.

Уметници  од Тетово, Велес, Штип, Прилеп, Кочани, Гевгелија, Скопје и една уметница од Украина.
Некои од нив се акдемски уметници, некои се млади (има и ученичка во 9-то одделение), други возрасни, со и без работно искуство, има самохрани мајки, борци со канцер, со аутистичен спектар, хуманисти, заштитници на животни и љубители на природа, артисти и јогисти.

Андријана Мациев, Бојана Артиновска-Трпческа, Игор Љубовчевски-Љубац, Трајче Воинов, Гордана Винчиќ, Снежана Мелник, Блаже Донев, Теодора Мирчевска, Христина Тарабунова во колаборација со Вања Головски, Ружица Парсонс, Сара Стаменковиќ, Маргарита Василеска, Горан Панов, Оливера Симеонова, Маја Андонова-Јокиќ, Татјана Волцис, Теодора Ставрова, Надица Петрова, Ирена Лозана и нејзиниот син Кан (кој е дете со аутистичен спектар) и скулпторот Андреј Митевски се луѓе кои придонесуваат за развој на културата и уметноста во нашата земја.

Поради негувањето на културната разноликост, со оваа групна изложба верувам дека ќе се јакне капацитетот на уметниците на независната сцена.
Можност за претставувње пред публиката што ќе им овозможи на уметниците продажба на уметничките дела.

Изложбата е помогната од Министерство за култура.

Изложбата ја отвори Душица Ристова – професор по Македонски јазик во Гимназијата “Ј.Б.Тито” – Скопје и познатo лице од Тв медиумите.
Фотографиите во оваа галерија од излобата AUROOM LOVE ART се направени од Јулијана Зафирова.

 

 

 

 

 

MKD / EUR
MKD Macedonian denar
EUR Euro