MODUS VIVENDI – ДАРКО БОГДАНОВ
200.00 MKD
Sold out!
Опис
Наслов: Modus Vivendi
Издавач: Дарко Богданов
Печатено: 2011
Јазик: Македонски
Автор: Дарко Богданов
Страници: 56
Формат: Б5
Цена: 200 денари
„Modus Vivendi“ е едно интимно патување во потсвесното, до границите каде се соединуваат различни реалности, каде се испреплетува сонот и јавето, сублимат на различните влијанија и искуства, до самата срж на уметноста, желбите, стравови, темнини и светлини на безимениот јунак, кој може да биде било кој од нас. Испреплетен и со псевдо поетски интермеца на ониричните мисловни арлекини, со цртеж обилно богат со црни тонови, самото издание е специфична комбинација на алтернативниот и мејнстрим стрип, кој бара активно читање од страна на читателите, и нивно вклучување во поглед на изведување на заклучоците од приказната индивидуално и според сопствените погледи и принципи. Кругот се затвара со галерија од илустрации од наши стрип автори – Весна Ничевска, Андреј Манев, Игор Јовчевски, Никола Темков и Виктор Лозанов, цртежи инспирирани од самиот стрип, кои даваат идеален печат на целиот концепт.
Дарко Богданов е роден на 04.04. 1984 во Скопје, Р.Македонија
Завршува отсек графика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје во 2003 година, а потоа дипломира исто така на отсек графика во 2007 година на Националната Ликовна Академија во Софија, Р. Бугарија во класата на Димо Колибаров. Се занимава првенствено со цртање стрипови и илустрација од 2000 година па се до денес.
Објавени кратки стрипови во повеќе стрип списанија во земјата и во странство, редовен учесник со свои стрипови на скоро сите балкански стрип фестивали. Добитник на 5 награди за стрип до сега, и автор на 4 стрип албуми – „Modus Vivendi“ во 2011 година, „Мрак Хумор Тишина“ заедно со сценаристот Јордан Коцевски во 2014 година, „Витези од Соседството“ повтороно во соработка со Јордан Коцевски, преку издавачот „Стрип Квадрат“ од Скопје во 2016 година, и во соработка со Александар Стеванов, „Ægri Somnia“ на самиот крај од 2020 година.. Во 2018 година заедно со Александар Стеванов и Сашо Гачев е исто така коавтор на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ‚Дневник‘“, посветена на македонските автори кои работеле за тој српски издавач.
Во 2008 година работи како стрип цртач за бугарскиот стрип издавач „ИЕКК Комикс“ од Софија, а во 2009 година работи за филмското студио „NU IMAGE“ исто така во Софија како сториборд уметник на филмовите „The Expendables“ и „Conan“.
Зад себе има четири самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби во Македонија и странство. Член на здружението на ликовни уметници „УМ“ од Виница, со кое редовно учествува во заеднички проекти и изложби. Исто така веќе две години по ред е дел од организацискиот тим кој ја организира ликовната колонија „Св. Ѓорѓи“ која се одржува на крајот на август во виничкото село Блатец.
Живее и работи во Виница, Р. Македонија.